Трчкарам по дворот и бркам топки. Таа се обидува да ме стигне, и што повеќе се обидува, јас сум повешт да ја избегнам. Потоа, на нејзино изненадување, се фрлам на грб и почнува најубавиот дел од играта, кога таа се фрла до мене и се тркаламе заедно на тревата. Таа знае дека јас се фолирам и дека кога тогаш ќе легнам, но не се откажува од брканицата со мене, затоа што знае колку тоа ми се допаѓа. Потоа јас се стрчувам кон мојата порција со грицки, а таа кон шољата какао. Пијам малку вода и заспивам на прагот.
Ме буди неопислива болка! Едвај ги отворам очите! Скокам на страна, се уште не знаејќи што ме снашло. Тешко дишам и ми се мати во главата! Од удар! Тоа сепак беше само сон за некои минати денови.
"Проклето куче" вика човекот. "Веќе не може човек никаде да се сврти од овие уличари" и ме удира повторно. Јас почнувам да лаам додека ми се приближува, се плашам дека повторно ќе ме удри со ногата. Успеав да се помрднам за да не добијам удар во главата, туку во стомакот.
Срцето ми чука забрзано и јас почнувам да плачам. Но, тивко во себе. Не сакам светот да види колку ме боли. За среќа, наиде автобус и тој се изгуби. Една девојка ми пријде, се наведнува, ме гали, ми се чини и дека гледам солза во нејзините очи. Срцето ми затрепери на момент, но и таа си заминува со следниот автобус.
Пробувам да се сетам да не сум направил нешто за да го заслужам оној удар. Мислам дека не сум, спиев на автобуската станица и сонував. Ја сонував неа и својот двор.

Луѓето доаѓаат, си одат, скоро никој не ни приметува дека сум тука. Само по некој коментар “Аман веќе од овие кучиња“, но се додека никој не ме напаѓаше јас само си лежев и си ќутев.
Се склопчив и се молев повторно да ја сонувам неа и својот двор. Мислам дека покрај топлиот дом единствена желба ми беше да дознаам зошто? Не од радозналост, туку да знам тоа да не го направам и наредниот пат.
Ако поспијам уште малку можеби ќе ми пројде и оваа тапа болка што ми ги разорува стомакот и главата. А ме разорува и прашањето “Зошто“. Зошто, зошто, зошто? Мојот живот се претвори во едно големо “Зошто“. Кога само би знаел што згрешив.
Утрото дојде заедно со гужвите од луѓе кои брзаат некаде. Некој на работа, некој на лекар, некој во училиште, а јас со секој нов ден морам да смислам каде да најдам малку храна, затоа што мојот стомак завива од глад. Не сум јадел од петокот, кога една баба подели со мене геврек, а еден дечко бурек со сирење. Тоа е се што сум јадел од тогаш.
Одам до блиската пекарница од каде што мириса на свежо печиво. Но, таму ме бркаат, затоа што, како што велат, муштериите не можат да влезат од мене. Заборавив да напоменам дека покрај сите баксузи што ме снајдоа, јас сум умерено големо куче. Многу пати јас не добив ни прилика да покажам каков сум .. Секакви приказни циркулираат. Некои од нив се вистински, но најчесто не. Стравот е нешто што ги парализира луѓето, а јас сум голем куче. Јас ги разбирам, не можам да кажам дека луѓето се виновни, но не сум ни јас. Ни затоа што сум тука, ни затоа што сум голем. Јас само сакав да го сонувам својот двор и неа. И да дознам што направив, за да не го сторам тоа повторно.
Околу пладне се враќам на станицата, не е толку ладно и нема толкава гужва, па се склупчив и пробав да заспијам. И понатаму гладен, но помалку ме болат главата и стомакот, па сепак заспав среќен. Сакав повторно да го сонувам својот двор и неа.
И таман почнав да сонувам, потрчав по втората топка, третата, кога нешто ми се сви околу вратот и почна да ме гуши! Телото во грч ми се движи на сите страни без контрола, скоро и да немам воздух. Ме подигнаа од земја и со сета сила ме удрија од подот! Пиштев и врескав, но луѓето само немо посматраа. Кога ми ја симнаа сајлата пд вратот, малку се смирив и водев околу мене уште неколку вакви како мене. „По пријава, а другар?“ ме праша еден, би рекол,по стар и поискусен, жолтеникав пес. Делуваше како да знае што говори, и како да минал низ тоа. Или слушнал приказни, не се осмелив да го прашам. Бев смрзнат од страв! Не знаев што следува, ни зошто сум тука. Јас само сакав да го сонувам својот двор и неа. И да не бидам гладен.
Таму кај што дојдов имаше многу како мене. Некои лаеа, некои завивава, некои само лежеа склопчени. Некои се преправаа дека весело мавтаат со опашот и дека му се радуваат на секој нов ден. Сите вешто криеа дека го сонуваат истото што и јас. Некоја „нивна неа“ и својот двор.
На ова место споро минуваа минутите, уште поспоро саатите. Од денот кога дојдов, ми се чинеше дека прошла цела вечност. Престанав да ги бројам годините кога пројде вттората. И понатаму ја сонував неа и својот двор. И веќе не се прашував зошто.
Но никогаш не престанав да посакувам. Мирно место од кое ќе можам да заминам...
